Лапорта: Мбапе беше грешка за Реал, два петла не може да бидат во ист кокошарник
Лапорта: Мбапе беше грешка за Реал, два петла не може да бидат во ист кокошарник
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, даде остро и искрено интервју за угледниот француски весник L'Équipe во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на шампионите, во кој неговиот тим се соочува со актуелниот европски шампион, ПСЖ. Со исклучително остар тон, првиот човек на каталонскиот клуб зборуваше за состојбата на односите со нивниот најголем ривал, Реал Мадрид, како и за клупската политика на ангажирање звучни и скапи ѕвезди. На прашањето од новинарот за моменталните односи меѓу двата шпански гиганти, Лапорта не се двоумеше, јасно ставајќи до знаење дека сите мостови меѓу Барселона и Мадрид се целосно изгорени.
„Односите со Реал Мадрид? Не постојат – меѓу нас веќе нема никаков однос. Ќе одам и чекор понатаму и ќе кажам дека ситуацијата прерасна во конфликт“, изјави Лапорта уште на самиот почеток.
Тој смета дека нивниот најголем ривал скршнал од вистинскиот пат и веќе го нема влијанието што некогаш го имаше во фудбалските структури. „Реал Мадрид го изгуби својот кредибилитет, како институционално, така и во спортска смисла. Тие веќе немаат никакво влијание во институциите.
Избраа погрешен пат, а сега ја плаќаат цената за тоа“, рече тој. Тој посебно се осврна на финансиската стратегија на Реал и на нивните обиди – како што самиот рече – да најдат изговори за да го оправдаат отсуството на трофеи во изминатиот период. „Потрошија огромни суми за да доведат прескапи играчи, но тие играчи не ги носат очекуваните резултати.
Во Мадрид им дадоа предност на индивидализмот и на трансферите вредни милиони евра. Бидејќи две години не освоија ништо, сега се служат со сите можни средства за да го оправдаат својот неуспех, ширејќи лаги за случајот Негреира. Ние, од друга страна, освојуваме трофеи и сме во игра за секоја титула“, изјави првиот човек на Барса, не оставајќи простор за никакви двоумења.
Еден особено интересен дел од интервјуто се однесуваше на доаѓањето на Килјан Мбапе во Реал Мадрид. Лапорта потсети на своите претходни предупредувања дека ангажирањето играч од ваков профил би можело да ја наруши атмосферата во соблекувалната. „Да, навистина го кажав тоа.
Не може да има два петла во еден кокошарник – тоа едноставно никогаш не функционира. Во фудбалот, тимот и тимскиот дух се на прво место. Без тоа, секој проект е осуден на пропаст.
А токму тоа е една од најголемите сили на Барселона“, нагласи Лапорта, пред да појасни што го сочинува столбот на моменталниот успех на неговиот клуб. „Имаме врвни таленти – играчи од Ла Масија, заедно со други кои доаѓаат од различни фудбалски култури – и успеавме да ги обликуваме во тим што функционира во совршена хармонија. Заслугата за ова му припаѓа на нашиот одличен тренер, Ханси Флик, како и на спортскиот директор Деко, кој работи на дополнително зајакнување на овој тим.“